Лековитото поле меѓу терапевтот и клиентот
За многу од нас непознат концепт, “држење на полето“ значи да се биде присутен и отворен за емоционалната состојба на другиот, без критика и осудување, со полна поддршка и почит, без намера да се промени во било која насока. Да држиме поле за некого, значи да креираме безбеден простор во кој другиот може да се изложи и да сподели сѐ што чувствува, сѐ што Е, а не што ТРЕБА или МОРА да биде.
Во овој свет простор ние сме само сведоци за емоциите на другиот и чувствуваме со него, и токму тоа бивање присутен за другиот, со ништо друго освен љубов и прифаќање, е магично лековито и хранливо за него. Во тој простор, во тој енергетски балон се остварува духовната размена помеѓу двајца и овозможува да се случи олеснување, увид и исцелување.
Во процесот на терапија терапевтот е свесен за лековитоста на полето кое го држи за својот клиент, за чувството на прифаќање и сигурност кое клиентот го добива во тој момент, во кој е безбедно за него да ги изложи своите стравови и сомнежи.
Притоа, терапевтот свесно ја следи и својата емоционална состојба, за да остане присутен и приземјен во споделувањето, да остане тој кој го држи полето, особено кога тоа станува вртлог на стравови и болка. На овој начин терапевтот е на располагање за својот клиент, оди во чекор со него, ја носи неговата ранливост и сведочи за тежината на неговото интимно доживување во моментот.
Клиентот од своја страна пак, доживува дека терапевтот е покрај него во мракот и маглата и трпеливо го крепи да се соочи со своите стравови. Во просторот сме заедно и заеднички го правиме ова, бидејќи секоја емоција бара да биде споделена и сведочена, особено загубата и болката.
Држењето поле може да се оствари со физички контакт, со прегратка, со држење раце или стоење блиску еден до друг, но некогаш е доволно и само енергетски да посегнеме еден кон друг, преку споделување на иста намера и мисла, за да се споиме во контакт и да створиме наше лековито поле.
Многу од нас не се свесни за овој префинет исцелувачки чин меѓу живите суштества, или можеби не го разбираме, но со сигурност сме го почувствувале најмалку еднаш во нашиот живот.