
Пристап на психотерапија

Пристап во
организации

Психодијагностички алатки

Водење на
дневник

Пристап на психотерапија
Терапискиот метод кој го користам во мојата работа со клиенти и во организации е искуствена комбинација од гешталт психотерапија, применета поливагална теорија и арт (експресивни) техники на психотерапија.
Оваа мешавина овозможува клиентот да ја обнови врската со себе, да го увиди тоа што се случува во моментот, комплетно да го искуси и да делува соодветно. Да осознае на кој начин го доживува моментот во телото, емотивно, психички и преку својот нервен систем. Кога стануваме свесни за ТОА ШТО Е, следниот чекор на разрешување, ослободување и промена доаѓа спонтано, како решение кое телото отсекогаш го знаело. Техниките на дишење, вежбите за ослободување и експресија ни помагаат да го најдеме одговорот на прашањето КАКО да го промениме тоа што Е.
Моето искуство ми покажа дека она што е неизречено и непокажано е запаметено во телото и е подеднакво важно како и споделеното. На тераписките сесии ги истражуваме сите аспекти, енергетски и телесни, мапираме чувства и однесувања, изразуваме болка и радост, се движиме низ просторот и заздравуваме.
Лично негувам јака поврзаност со природата и со својата духовност и верувам во лековитата размена на нивоа различни од материјалното. Движењето, креирањето и уметностите се хранливи за нас и активно ги користам во терапискиот процес.
За мене, среќата и задоволството се случуваат кога ќе се поврзат телото, умот и духот и истото тоа го поддржувам кај моите клиенти. Здрави сме тогаш кога ќе воспоставиме врска со себе, ќе си дадеме креативна слобода во живеењето и ќе се вклучиме во односите со другите.

Пристап во организации
Како Гешталт Коуч во бизнис организации, во работата приоѓам со свесност за повеќе слоеви од важност– вработениот, тимот и организацијата во целост, како поширок контекст на работа, но со подеднакво влијание на темата. На своите клиенти им помагам да ја согледаат својата улога во ситуацијата во која се нашле и да ги искористат своите лични ресурси за да ја разрешат.
Индивидуално или во група, ги подучувам клиентите како да постигнат регулација на својот нервен систем што доведува до повеќе свесност, одговорност и балансирани реакции во работната средина. На овој наин вработените се запознаваат со своите начини на реакција и се сензитивираат за реакциите на останатите членови во тимот. Искуството ми покажа дека овој поливагален пристап на работа е лесно и брзо прифатен од клиентите, применлив е веднаш и успешно помага во креирањето на поливагално балансирана работна заедница.
Прочитајте повеќе за програмата за поливагално балансирана организација
Според мене, тренинг и коучинг активностите се трајна и долгорочна инвестиција во вработените и дека истовремено придонесува за подобар работен перформанс и ефект врз клучните индикатори, но и го храни чувството на вредност и потребата за развој кај вработените.
Притоа свесна сум дека бизнис темпото не поддржува многу теорија и учење, туку напротив, побарува практични знаења подготвени за примена. Во годините работа на развој на продажба и градење релации научив да го издвојувам суштинското од купче теоретски информации, со чија примена најбрзо се постигнува ефект во работата. Тоа што преостанува е практично и на интересен начин да се пренесе информацијата кон вработените, со респект на нивната различност. Секој тим е за мене различен предизвик и вложувам во запознавањето со нив и на целокупната средина во која работат.

Психодијагностички алатки
Во терапискиот процес редовно вклучувам и психодијагностички тестови за темелен увид во состојбата на мојот клиент. Задавањето на батерија на селектирани психолошки тестови има за цел изработка на наод и психолошко мислење за психичката состојба на клиентот.
Од јули, 2022 година поседувам сертификат за психодијагностичко задавање и толкување на тестот на мастилни дамки на Херман Роршах, кој во психодијагностиката ширум светот се користи повеќе од 100 години и кој овозможува детален увид во когнитивната и емоционалната состојба на клиентот и неговиот начин на функционирање со другите.
ВАЖНО: примената на психолошките тестови вклучително и Роршаховиот, не се нуди во комерцијални цели и за личен раст и развој на барање на клиентот.
Задавањето на тестовите и толкувањето на резултатите се врши само од сертифициран психолог, наодот е строго доверлив и се изведува само за целите на психотерапискиот третман.

Водење на дневник / (art) journaling
Да воспоставиме контакт со себе е првиот чекор кон поздраво и исполнето живеење. Свртувањето на вниманието кон себе со цел подобро да осознаеме каква потреба имаме и што сакаме ни помага да живееме автентично и со повеќе задоволство. Ни помага да откриеме корисни и некорисни шеми на однесување, штетни навики и со тоа, можност да ги промениме и замениме со нови и корисни.
Да, психотерапија ќе ви помогне, но самите можете уште веднаш да си помогнете со започнување на дневна рутина на водење дневник. Изборот е ваш , дали ќе користите зборови за да се изразите, боја и цртеж, или комбинација од двете и плус уште нешто, нема ограничувања. На овој начин постепено го креирате и дефинирате вашиот ритуал на контактирање со себе. Дневно свртување на вниманието навнатре, за да регистрираме сензации, чувства и потреби на телото во моментот.
Лично, на овој метод на водење на арт дневник, му должам најмногу за исполнувањето што денеска го чувствувам во работата и приватниот живот. Откако воспоставив рутина на дневно запишување и цртање дознав многу повеќе за себе и мојата трансформација беше неизбежна. Затоа, не само што го срдечно го препорачувам на своите клиенти туку и активно го применувам овој метод во својата работа. Сосема е безболен и безбеден, а доколку вклучите и цртање , од себе ќе ослободите содржини различни од вербалните, нови и интересни. Силно верувам во лековитоста на креативната слобода и ја користам во својата работа и приватен живот.