Image5

Заглавени во безизлезна ситуација

Многу пати клиентите бараат помош од терапевт кога ќе се најдат на место за нив безизлезно и кога чувствуваат дека немаат доволно ресурси, разбирање и поддршка за да се справат со  ситуацијата на здоволителен начин.  Се чувствуваат заглавени – помеѓу новото работно место и старата позната работа, помеѓу двајца партнери, неможат да одлучат дали да заминат од ситуацијата или да останат,  дали да реагираат или премолчат.  

Делува како да неможат да го направат чекорот кон разрешување на мачната ситуација, иако можеби знаат што е потребно да превземат.  “Сакам, но неможам“ е чувството со кое најчесто клиентите стојат на ова место. Ја чувствуваат тензијата и стравот кои се интензивни и ги парализираат, но причината за непријатноста честопати им е непозната. 

Дополнително на маката, се случува блиските кои се свесни за проблемот на клиентот да не гледаат тешкотија во ситуацијата, не ја разбираат заглавеноста и на тој начин несакајќи придонесуваат кон фрустрацијата на клиентот, кој веќе не знае каде да најде излез, утеха или барем привремено олеснување на тензијата. 

За клиентот ситуацијата е хронична, му одзема енергија, му троши многу време, и ја доживува безизлезна.  Настанал конфликт на спротивставени сили со балансирана јачина; едната турка кон раст, промена и напредок, а другата подеднакво силна се опира на промената и инсистира на старите начини на функционирање.  

Причините за ваков impassе (непроодна точка) можат да бидат од различна природа. Одговорот на оваа заглавеност е понекогаш во незавршените работи на клиентот. Тековната проблематична ситуација можеби потсетува на ситуации од минатото кои биле трауматски и тешки и кои не биле разрешени на начин соодветен за клиентот.  Доколку тој немал доволно капацитет и можности  да се справи со проблемот, тогаш тој ќе остане неразрешен, “замрзнат“, и ќе продолжи да егзистира и да се манифестира во ред слични ситуации низ понатамошниот живот на клиентот.  

Честопати станува збор за верувања или стравови врзани за последицата на промената која треба да настане, кои не се во свесноста и кои ја блокираат активноста.  Придружно може да биде и чувството дека старите обрасци на однесување се познати и безбедни колку што се непријатни и болни. 

Сепак тие се испробани доволен број пати и некогаш во минатото правеле смисла за клиентот и биле единствен начин на справување со настанот. Новото е непознато, носи неизвесност и страв.  На ова место клиентот се соочува истовремено и со потребата да ги напушти своите начини кои некогаш му користеле и со отпорот токму тие да ги замени со нови, непознати, небезбедни. 

Што ако новото работно место е полошо од старото, овде барем само со имам проблем само со неплаќањето, ама колегите се фини

Ако се отселам од дома, како ќе продолжат без мене, ќе се разболат и ќе страдаат, се заради мене, не смеам да сум себична  

Што ако го одбрав погрешниот партнер, доживотно ќе се каам што останав со неа, 

Во нашата фамилија никој не се разведува, јас ќе бидам “црна овца“, сите ќе ги разочарам.  

Ако проговорам ќе ме осудат и казнат, ако премолчам соучествувам во сценариото. 

Како што клиентот минува низ неговиот impasse, се соочува со ситуации со кои претходно никогаш не избрал да се соочи.  Терапевтот е тука заедно со него да го поддржи да се соочи со чувствата и претпоставките кои го држат на тоа место.  Без стравот, кај клиентот ќе се ослободи заробената енергија и ќе може да експериментира со нови вештини, нови начини на однесување со кои ќе се служи во новите искуства.  

Во терапискиот процес, препознавањето на заглавеноста и нејзиното надминување значи всушност препознавање на шансата за промена и пресврт.  Колку што е мачна и тешка, одржувана од стравови и катастрофични очекувања толку е и плодна, оптимистичка и насочена кон подобрување на квалитетот на живеењето.  Улогата на терапевтот е да му помогне на клиентот да ја согледа ситуацијата на нов начин, корисен за него и да ги открие и креира новите начини на реагирање во склад со неговите потреби и адекватно на неговиот контекст.